Успешната соработка на локално ниво, процесот на децентрализација, реформите во процесот на евроинтеграции беа само дел од темите на првата средба на градпначалникот Аце Коцевски со Н.Е, Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Република Франција. На средбата, Амбасадорот Бомгартнер изрази задоволство од успешната соработка на Општина Велес со повеќе градови и организации во Република Франција. Тој укажа дека во наредниот период соработката ќе се продлабочи и на планот на изучувањето на францускиот јазик како водечки јазик во европските институции.
Градоначалникот Аце Коцевски го информираше Амбасадорот Бомгартнер за реализираните и тековните проекти во соработка со Асоцијацијата „Алзас –Македонија –АЛМА“ со седиште во Стразбур и Асоцијацијата на впечатливи градови и локалитети со седиште во Бордо. Коцевски изрази подготвеност за поддршка на тековните и идните проекти и рече дека во контекст на изучувањето на францускиот јазик општината ќе се ангажира во соработка со директорите на основните и средните училишта.
На средбата стана збор и за претстојните ифраструктурни проекти во рамките на ИПА, меѓу кои изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Велес. Амбасадорот Бомгартнер денеска оствари средба со делегацијата на Асоцијацијата „Алзас Македонија“ која престојува во Велес за примопредавање на донација во медицинска опрема. Со градоначалникот Коцевски, францускиот амбасадор ја посети и француската читална во народната библиотека „Гоце Делчев“ и имаше можност да ја види дигиталната опрема за киноприкажување во салата „Бели Мугри“.