Согласно член 4 од Правилникот за условите, начинот и постапката за користење на финансиски средства од Буџетот на Општина Велес за субвенционирање на физички лица од подрачјето на Општина Велес за купен велосипед (Службен гласник на Општина Велес бр. 06/20), а во врска со Одлуката за определување на максимален износ на доделување на поединечна субвенција на физичко лице за купен велосипед за 2021 година (Службен гласник на Општина Велес бр. 04/21), Општина Велес објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за субвенционирање на физички лица за купен велосипед за 2021 година
1. Опис на јавниот повик
Општина Велес на физичките лица кои ќе купат велосипед од денот на објавувањето на Јавниот повик 06.07.2021г., заклучно со 05.08.2021г. ќе им субвенционира дел од трошоците направени при купување велосипед.
На барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени при набавка на велосипед во висина од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Јавниот повик ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.
2. Право на учетво на јавниот повик
Право на учество на овој Јавен повик имаат физички лица кои ќе купат велосипед од денот на објавата на Јавниот повик па се до 05.08.2021г., ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на велосипед, а кои ги исполнуваат условите од овој Јавен повик.
3. Услови што треба да ги исполни барателот
Физичкото лице/барател е должно да ги исполни следниве услови:
- да е жител на Општина Велес,
- да нема добиено финансиски средства за набавка на велосипед од било кој извор во Република Северна Македонија (не го искористил правото на субвенционирање по овој основ),
- велосипедот да го купил од денот на објавување до денот на завршување на Jавниот повик, односно до исцрпувањето на буџетот за оваа намена,
- купениот велосипед да не биде помал од 24” (инчи), односно 60,96 санитметри, односно да одговара на популација деца кои не се помали од 8-9 години.
4. Начин на пријавување на јавниот повик
Барателот за добивање субвенција е должен да ја поднесе следната документација:
- Барање за субвенција (Барањето може да се подигне во архивата на Општина Велес или да се обезбеди од интернет страницата на Општината: www.veles.gov.mk),
- фотокопија на важечка лична карта на барателот, како доказ дека е жител на Општина Велес,
- фотокопија од трансакциска сметка на барателот,
- доказ дека е извршено купување на велосипед и тоа: фискална сметка во оригинал или фактура со извод од деловна банка, со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на Jавниот повик, односно до денот на исцрпување на средствата по овој основ,
- изјава дека барателот нема искористено право на поврат на средства за набавка на велосипед на друг јавен повик од било кој извор во Република Северна Македонија (Изјавата може да се подигне во архивата на Општина Велес или да се превземе електронски од веб страната на општината).
Едно физичко лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за еден велосипед.
Барањето за надоместување на дел од трошоците за купен велосипед, заедно со потребната документација се поднесува во архивата на Општина Велес, на ул. Панко Брашнар бр. 1 Велес, секој работен ден од 07.30 до 15.00 часот, во затворен плик.
На пликот треба да е наведено: “Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на физички лица за купување велосипед”.
Архивата на Општина Велес примените барања ќе ги евидентира со точното време на поднесување (датум, час и минута), заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.
5. Начин на спроведување на Јавниот повик
За спроведување на Јавниот повик, Градоначалникот формира Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на физички лица за купен велосипед.
Општина Велес на својата веб страна ќе ја извести јавноста за прекинување на Јавниот повик пред истекот на крајниот рок при пристигнување на доволен број на барања со кои ќе се исцрпат средствата за оваа намена, како и за продолжување на крајниот рок од овој Јавен повик до целосно исцрпување на средствата.
Финансиските средства ќе се сметаат за исцрпени односно доделени кога на предлог на Комисијата, Градоначалникот на Општина Велес ќе донесе решение за исплата на средствата.
6. Начин на остварување на правото на надоместок
Градоначалникот на Општина Велес на предлогот на Комисијата носи решение за одобрување на барањето за барателите кои ги исполниле условите согласно Јавниот повик и исплата во рок од 30 дена од објавувањето на листата на физички лица за кои е донесено решение за одобрување на барањето. Уплатата на персоналниот данок на доход кој се одбива од доделената поединечна субвенција ќе ја изврши Општина Велес.
Градоначалникот на Општина Велес на предлог на Комисијата носи решение за одбивање на барањето во рок од 20 дена од денот на завршувањето на јавниот повик за барателите кои не ги исполниле условите од јавниот повик.