Во локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, во рамки на „Велешко лето 2021“ се одржа промоција на книгата „Рекламата како текст“ од проф. д-р Снежана Петрова-Џамбазова. Книгата е докторска дисертација на Петрова-Џамбазова, излезена од печат во 2019 година и претставува осврт на јазичните особености на телевизиската реклама.
Авторката ги разгледува рекламните пораки емитувани на телевизиските медиуми како текстови со посебен осврт на истражување на статусот и употребата на современиот македонски јазик преку овој специфичен вид на комуникација со телевизиската публика.
За анализа земени се предвид над 400 рекламни пораки на македонски јазик чијашто различност се гледа во однос на употребата на јазичните средства од аспект на производот, на начинот на убедување, како и нивната поделба во однос на структурата.
проф. д-р Петрова-Џамбазова е авторка на две поетски збирки за возрасни „Направете место“ и „Постела за сонот“.
Организатори на промоцијата се Локална библиотека „Гоце Делчев“, Велес и Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, Скопје.
„Велешко лето 2021“ е во организација на Општина Велес и сите настани во рамки на програмата се одржуваат во согласност со протоколите за одржување на настани.