Со свечена седница во салата „Бели Мугри“ во Локалната библиотека „Гоце Делчев“, Општина Велес го одбележа 9 Ноември, Денот на градот. Во своето обраќање, по повод 77 годишнината од ослободувањето на Велес, Градоначалникот Колев им го честиташе празникот на сите граѓани.
„Со заеднички сили, заедно да се обидеме Велес да го развиваме во модерен и современ град, со силна економија, социјална заштита, подобро образование, култура и традиција. Да го градиме Велес во достоинствено и достојно место за живот за сите сегашни и идни генерации“, истакна Колев.
На свечената седница традиционално се доделија и деветтоноемвриските награди. Наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2021 година ја доби актерот во пензија Александар Ѓеорѓиев, лично му ја врачи Градоначалникот Колев. За најстудент е прогласена Бојана Кацарова, студентка на Медицински факултет и ја доби наградата „Професор д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“.
За придонес и афирмација на градот, Пофалници 9 Ноември за 2021 година добија Богданчо Драскачев и Благој Ѓорчевски за волонтерско учество во гасење пожари, кајакарот Никола Димов, атлетичарот Тале Илиевски, кајакарката Марија Пановска, кошаркарката Марија Николов, виолинистката Камелија Дуковска за афирмација на музичката уметност во како и Томе Трајков за придонес во граѓанскиот активизам.
Благодарници 9 Ноември за 2021 година им се доделија на волонтерите на Општинската организација на Црвен крст, за развој на волонтерството во услови на светска пандемија, на режисерот Ненад Витанов за афирмација на театарската уметност, на Елма Шемсовиќ за афирмација на спортот во областа на фудбалот, на Петре Штерјов за афирмација на музичката уметност, на Дарко Николов за афирмација на одбојката во градот, на Трајче Чатмов за афирмација на ликовната уметност, на Ангел Мицевски-Скакар за афирмација на спортот во областа на боречките вештини. Деветоноемвриски благодарници добија и вработените во ЈЗУ Општа болница Велес за несебичниот придонес во справувањето со здравствената криза, Филип Иванов за развој на хуманоста и волонтерството, Филип Арилон за афирмација на музичката уметност и Благородна Донева за придонес и развој на етнологијата и занаетчиството.
Општина Велес им додели благодарници и на општествено одговорните компании кои дадоа свој придонес во отворањето на вакциналниот пункт во Велес.
За посебен придонес во создавањето услови за сигурност и безбедност на граѓаните на Општина Велес, Спомен – плакета постхумно му се додели на Игор Ангеловски, поранешен началник на ПС Велес.
Спомен – плакети добија и компаниите „Ронтис“ и „Маркарт“ за континуираната поддршка на повеќе институции во Општина Велес.
Свечената седница што се одржа во чест на празникот на градот, ја збогати изведбата на триото оперски пејачи „Трио Џемтлмен“ и на оперскиот пејач Игор Дурловски.
Со положување на свежо цвеќе на Спомен костурницата и на бистите на народните херои во Младински парк, делегации со претставници од Општина Велес, Советот на Општина Велес, АРМ и јавни институции им оддадоа почит на паднатите борци за слобода.