Во рамките на проектот за изработка на студија за изводливост на мрежа за јавен градски превоз, денеска во Општина Велес се одржа работилница за разгледување на предложените мерки во оваа студија. Работилницата ја одржа Мирјам Фишер, претставник на израелската компанија „РОМ Транспорт“ која ја изработува физибилити студијата.
На работилницата со околу 25 учесници, претставници на превозниците, училиштата, јавните претпријатија и граѓанскиот сектор, во името на градоначалникот Марко Колев, присутните ги поздрави Александра Андреева. Таа изрази задоволство што Општина Велес е прва во државата што ќе добие ваква студија на изводливост и ќе ги има вистинските услови за развој на јавниот превоз според највисоките меѓународни стандарди.
Присутните на работилницата активно учествуваа во утврдувањето на приоритетните рути, возниот ред и клучните аспекти на потребните линии на јавен превоз како и во креирањето на идниот изглед на возилата за јавен превоз. Работата со компанијата „РОМ Транспорт“ продолжува утре на работилница со стручните служби на Општина Велес.
Се очекува физибилити студијата, кофинансирана од УНДП да биде завршена до крајот на март годинава.