Стиховите на Рацин одекнаа во неговата родна куќа во Велес. Неговите потомци го оживеаја споменот на безвременото дело на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин. На денешен ден се навршуваат 83 години од денот кога во печатницата на Драгутин Шпулер во Самобор за прв пат излегоа од печат Рациновите „Бели мугри“.
За неговиот живот и дело говореше историчарот и виш кустос Марин Клифов а за големината и значењето на издавањето на антологиското дело „Бели мугри“ беседеше професорката Соња Карбева.
Ученици од Гимназијата што го носи името на великанот, рецитираа стихови од Рациновата „Ленка“, „Татунчо“, „Денови“, „Елегии за тебе“. Настанот по повод одбележувањето на годишнината на „Бели мугри“ се реализираше во организација на Општина Велес а ученички од основното музичко училиште „Стефан Гајдов“ го збогатија со музичка изведба.
Од куќата на поетот, учениците се упатија во Младинскиот центар да творат испирирани од творештвото на Рацин.