Со стенд ап комедијата на мајсторот на имитациите Жарко Јовановиќ, вчеравечер, 21 мај, заврши второто издание на театарскиот фестивал „5РЕ“. Верната театарска публика со силен аплауз го награди стенд ап комичарот кој на мошне умешен начин ги долови карактерите на многу јавни личности низ резлични секојдневни ситуации. Не помалку интересни и забавни беа и останатите шест фестивалски вечери во кои велешани имаа можност да се насмеат и да излезат барем на кратко од секојдневната рутина. На сцената на велешкиот театар, вљубениците на театарската уметност имаа можност да ги проследат театарските претстави „Ле кретен“ на штипскиот театар, „Енергични луѓе“ на охридскиот народен театар, стенд ап шоуто „Да болиТ“ на Никола Тодоровски, хит претставата “Каква ти е жената, таков ти е животот” на балканската ѕвезда Драган Маринковиќ Маца, потоа претставата „Илуминати“ на врвните актери од Театар Комедија од Скопје и комедијата „Кафез на кокони“ изведена од актерите на Драмски театар Скопје.
Организаторите на фестивалот не ги заборавија најмалите кои поминаа незаборавни моменти со претставата „Сказна за рибарот и рипката“ на Театар Колозов.
Театарскиот фестивал 5РЕ е востановен во чест на доајенот на театарската уметност Петре Прличко. Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ годинава заслужено отиде во рацете на пензионираниот актер од велешки театар Ј.Х.К. Џинот, Јордан Витанов.