Општина Велес го оживеа споменот на Данка Фирфова, првата македонска оперска првенка. Денеска се одбележаа 105 години од нејзиното раѓање и 20 години од нејзината смрт. Во чест на двата јубилеји, за живото и делото на Фирфова говореше д-р Мирјана Павловска Шулајковска, авторка на монографијата за Данка Фирфова.
„Ова е едно наше големо изненадување, бидејќи ние коишто секојдневно работиме во областа на музиката, музичката уметност и историја, како датум и годишнина заборавивме на овој убав јубилеј. Ова дојде како една многу убава искра и на надеж и на искреност и почит кон она што нашите претходници со својата дејност и работа направиле и оствариле и оставиле еден голем печат во нашата музичка историја, во развојот на нашата земја. Данка Фирфова е велешанка, уметник којшто оставил длабоки траги во областа на македонската музичка историја“, рече Павловска Шулајковска.
За блесоците на животот на оперската сцена, со многу емоции пред присутните говореше македонската оперска дива проф. Милка Ефтимова.
„Многу сум среќна што сум овде денес во Велес на одбележување на споменот на мојата драга пријателка и колешка Данка Фирфова. Таа беше една храбра и пожртвувана жена која постојано ме бодреше и ми даваше поддршка во професијата, истакна Ефтимова.
Вистинско изненадување за сите присутни беше настапот на професор Габриела Бачманова и сопран Магдалена Тодоровска кои го изведоа музичкиот колаж „Живот со музика“ и приредија вистинско уживање.
За многумина овој настан беше прва можност да слушнат чудесни детали од животот на првата образована македонска оперска певица Данка Фирфова која и по 17 пати била враќана на бис на оперската сцена. Велес ќе продолжи да се сеќава на културните великани меѓу кои и на незаборавната Данка Ристова Северова Фирфова.