Од минатата седмица Велес стана дом на петтата Европска куќа (Europe house), со што се зајакнува мисијата на Делегацијата на Европската унија за поврзување на младите со Европската унија и вредностите што ги носи Унијата.
Надоврзувајќи се на инспиративните примери на Европските куќи во Скопје, Струмица, Крива Паланка и Битола, отворањето на Европска куќа Велес означува ново поглавје во напорите на ЕУ да ги премости празнините и да поттикне значаен напредок во давањето на сè повеќе можности на младите.
Официјалното отворање на Европската куќа во Велес беше енергичен спој на интересни дискусии, уметнички изложби и социјални собири. Денот почна со динамичен дијалог помеѓу млади поединци и средношколци, воден од млади европски амбасадори, кои ги вклучија учесниците во дискусија за европската перспектива и потребите на младите во Велес.
По ова, присутните беа почестени со културна обиколка низ Велес, со посета на Спомен-куќата на Кочо Рацин. Уметничката живост на градот беше претставена и со групната изложба на девет талентирани млади уметници од Вардарскиот регион.
Денот продолжи со настан за вмрежување, што доведе до размена на визии и идеи меѓу учесниците. Прославата заврши во вечерните часови со настап на локални уметници, во знак на поддршка за локалните таленти.
Отворањето на Европска куќа Велес е повеќе од само уште едно место за собир на младите. Овој чин ја потврдува посветеноста на ЕУ кон младите и на национално и на локално ниво. Со ова, ЕУ чекори кон иднина каде што ќе се слуша секој млад глас, ќе се негува секој сон и ќе има сè повеќе можности за младите.