Традиционални ора и песни од различни нации и култури и автентични народни носии ќе бидат дел од 18 издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес 2023“. Од 5 до 8 јули годинава Велес ќе биде центар на богатиот народен фолклор на ансамблите од Македонија, Хрватска, Словачка, Босна и Херцеговина, Северен Кипар и Мексико. Свеченото отворање на фестивалот е на 05. Јули со почеток во 20:30 часот во амфитеатарот на Младински парк. Претходно граѓаните ќе имаат можност да го проследат традиционалното дефиле кое во 19:30 часот ќе стартува од пред ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ до центарот на градот и во Младински парк.
Годинава фестивалот изобилува со богата програма и бројни изненадувања од страна на организаторите. На сите четири фестивалски вечери со свои танци, ора и песни ќе се претстават 6 странски ансамбли, 8 од Македонија и секако домаќините КУД „Коле Неделковски, Ансамбл „Керамичар“, ФА „Вила Зора“, Ансамбл „Распеани велешани“, Пејачката група „Распеани пензионери“ и ОТИ при ООМУ ,,Стефан Гајдов“ а дефилето ќе биде збогатено и со Тапаните на АФ ,„Гоце Делчев“ од Битола и дечињата од Детската градинка „Димче Мирчев“.
„Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ продолжува да биде обележје на фолклорната ризница. Повелете во амфитеатар и уживајте во богатството од звуци“, рече градоначалникот Марко Колев.
„Во оваа прилика упатувам отворена покана до сите граѓани на Велес да дојдат, да ги проследат сите 4 фестивалски вечери, да бидат дел од незаборавната атмосфера во Младинскиот парк и уште еднаш да покажат дека Велес со радост ги пречекува своите гости“, рече претседателот на Организацискиот опдбор на ИФФ Томе Јаневски.
Во случај на временски неприлики, програмата на ИФФ ќе се реализира во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“.