Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски денеска во Велес на земјоделците им додели картички за мерката „Зелена нафта“. „За само една недела Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), низ своите подрачни единици во државата дистрибуира вкупно 33.331 персонализирана платежна картичка за зелена нафта или тоа е околу 60% од она што треба да се дистрибуира.
Денеска започнува дистрибуцијата на 1672 картички во ПЕ „Велес“ под која спаѓаат општините Чашка и Градско. Картичките се во вредност од 6.659.000 денари. Ова се сериозни средства што се враќаат кај земјоделците, ги намалуваме производствените трошоци, а земјоделските производи ги правиме поконкурентни“ изјави Министерот Димковски. Тој нагласи дека на ниво на држава вредноста на картичките изнесува 87.420.365 денари. Николчо Бабовски, директор на АФПЗРР за медиумите рече дека досега се поделени картичките во 22 подрачни единици. Тој најави дека до крајот на месецот платежните картички за зелена нафта ќе ги добијат сите земјоделци.
Градоначалникот Аце Коцевски кој денеска оствари работна средба со Министерот Димковски и тимот на министерството и агенцијата, изрази задоволство од поддршката на значајни проекти во Велес. „Имавме можност да размениме мислења околу проектот за изградба на патот за село Сливник и пристапниот пат до локалитетот Пешти. Постапките се при крај. Утре ќе го потпишеме договорот и за две недели ќе можеме да го воведеме изведувачот во работа за извршување на овие значајни делници кои се во должина од 5.2 километри“, изјави градоначалникот Аце Коцевски кој ја извести јавноста и за разговорот околу повикот на министерството за апликации на проекти за тампонирање на патишта кон земјоделски површини.
Министерот Димковски заедно со градоначалникот Коцевски денеска ќе ги посетат хидросистемот „Лисиче“ и групацијата „Агрија“ и ќе остварат средби со земјоделците на терен.