Со организирање на интерактивна панел дискусија на тема „Можности за волонтирање преку Програмите на Меѓународните организации”, на која активно учество земаа ученици од општинските средни училишта од градот (претставници на ученичките заедници), претставници на Локалниот младински совет од Општина Велес, волонтери од Младинскиот центар во Велес, како и со претставници на младинските клубови на Здруженијата на граѓани од Велес, Општина Велес и оваа година го одбележа Меѓународниот Ден на волонтерството, 5 декември.
Како квалитетен и најефикасен начин, преку неформалното образование да се научи нова вештина и да се придонесе во разните сфери на општественото живеење, волонтерите со своето делување се неминовна алка во синџирот на создавање (про)активна заедница.
Со својата самоиницијативност, докажаниот активен пристап кон животот, како и со доброволното вклучување и дејствување во корист на други лица, волонтерите ја шират благородната идеја за волонтирање, што потврдува дека преку разни примери помага во градењето на сплотени, инклузивни и поврзани општествени заедници, но и придонесува во стекнувањето и зацврстувањето на довербата помеѓу сограѓаните и целните групи на лица со кои се работи.
Присутните ги поздрави Градоначалникот на Општина Велес, а на панел дискусијата говореа волонтери кои волонтираат во Велес преку Програмите на меѓународните организации: Програма за волонтери на Обединетите нации (УНВ) и на Мировниот корпус и ги претставија нивните проекти, како и целите на Програмите преку кои ги реализираат нивните волонтерски активности.