Со изведба на поемата „Сердарот“ на Григор Прличев, од страна на учениците од ООУ „Блаже Конески“, под менторство на наставникот Саше Андреевски, денеска во медијатеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“ се одбележа нејзиниот патрон. Со прекрасната интерпретација на поемата присутните се присетија на еден мал дел од историјата која го прикажува тешкиот живот на македонскиот народ.
Директорката на библиотеката Снежана Бошевска истакна дека со овој настан се заокружува уште една успешна година во работењето на институцијата.
„Упатувам голема благодарност до сите зачленети граѓани во библиотеката, соработниците, институциите и вработените кои секој со својот удел придонесе за успехот што го постигнавме изминатата година. Се надевам дека ќе продолжиме сите заедно посветено да ја негуваме љубовта кон книгата, кон пишаниот збор“, рече Бошевска.
Библиотеката, како и секоја година, ги награди читателите со најголем број прочитани книги. Благодарници им беа доделени и на учениците кои учествуваа на конкурсот „Читањето е сонување со отворени очи“. Од институцијата се заблагодарија и на семејството Здравковски кои на почетокот на учебната година ја платија членарината на сите ученици кои се зачленија во библиотеката.
Одбележувањето на патрониот празник на библиотеката беше збогатено и со неколку музички точки во изведба на учениците од „Гимназија Кочо Рацин“, Ангел Богоевски и Михаил Петковски.