Од 21 до 25 август годинава, Велес е домаќин на 17. Меѓународен салон на Стрип „Велес 2019” . Колонијата ја организира Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес.
Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски денеска ги посети петнаесетте стрип уметници, кои творат во спомен куќата на Касапови препознатлива по автентичната архитектура.
Уметниците имаат можност да ги разменат своите искуства и да творат на слободна тема. „Оваа стрип колонија е единствена од ваков тип не само во државата, туку и на просторот на балканските држави.
Втор пат ја организираме, а поканетите учесници создаваат стрипови кои ќе бидат преставени на јавноста преку изложба организирана во Велес. Создадените творби ќе бидат презентерани и популаризирани и во државите од кои доаѓаат учесниците, а ќе бидат објавени и во стрип ревијата ‘Креатор’”, истакна извршниот директор на Стрип центарот, Ване Трајков.
Покрај домашни, на втората стрип колонија, учествуваат реномирани имиња од пет други европски држави, Кирси Салонен од Финска, Владимир Весовиќ и Ана Циглар од Србија, Марко Ѓешка од Хрватска, Исток Ситар од Словенија и Василис Герку од Грција. Општина Велес го поддржа одржувањето на оваа манифестација со средства од годишната програма за култура за 2019 година.