По повод чествувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, денеска во медиотеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ се одржа натпревар по убаво пишување – краснопис. На натпреварот учествуваа 14 ученици од основните училишта во градот и секој на свој начин, со својата креативност и имагинација, на лист хартија ги „навезе“ стиховите од најпознатата антологиска песна Ленка на Рацин. Учениците работеа под менторство на графичкиот дизајнер и типограф Ласко Џуровски кој им одржа кратко предавање за значењето на краснописот и користењето на правилните форми на буквите од македонската кирилица. Тројцата ученици со најдобро напишани стихови ќе бидат наградени на утрешната свеченост.
Во големата сала на Општина Велес, ученици од средните училишта, во чест на светите браќа Кирил и Методиј, се натпреваруваа во ораторски вештини на тема „Во почетокот беше словото“. Жири комисијата во состав Наташа Брезова Богоевска, Елена Гуновска и Кристијан Саздовски, имаше тешка задача да ги одбере најдобрите тројца оратори кои ќе бидат наградени на утрешната свечена академија.
Чествувањето на Свети Кирил и Методиј продолжува утре, четврток, со обраќање на градоначалникот на Општина Велес Марко Колев и доделување на признанијата за најдобар ученик од основните училишта за 2024 година, за најдобар ученик од средните училишта, за најдобар наставник по одделенска настава, за најдобар наставник по предметна настава и за најдобар наставник од средни училишта.
На свечената академија, во големата сала на Општина Велес, ќе настапи и Детскиот хор „Свети Кирил и Методиј“.