Во чест на браќата Свети Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост и литература, денеска во Општина Велес се одржа свечена академија на која се доделија награди на најуспешните ученици и наставници од основните и средните училишта за 2024 година.
Пред присутните во салата се обрати градоначалникот Марко Колев кој истакна дека делото на светите брака Свети Кирил и Методиј е вечно и сите нас не обединува, најважните личности во писменоста на словенските народи, креаторите на глаголицата како основа на кирилицата на кој се заснова македонскиот јазик и идентитет.
„Им честитам на наградените, на учениците, наставниците и професорите со желба за нивно лично здравје и напредок. Сите овие настани се поттик не само за младите туку и за нас возрасните да се стремиме кон зачувување на македонската азбука, јазикот и културата“, рече Колев.
За прв пат годинава, во чест на празникот, Општина Велес организираше натпревар по убаво пишување – краснопис на кој учествуваа ученици од основните училишта. Третото место и припадна на осмооделенката Ана Петрова од ООУ „Блаже Конески“. Второ место го освои деветтооделенката Росица Коларовска од ООУ „Блаже Конески“ и на прво место се истакна осмооделенката Мила Спасовска од ООУ „Васил Главинов“.
На натпреварот за ораторски вештини помеѓу средношколците, на тема „Во почетокот беше словото“, третото место го освои Теодора Панова, ученичка во прва година про СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ . Второто место и припадна на Марија Бошевска, ученичка во втора година при ОСУ „Јовче Тесличков“ . Првонаградена е Јана Пљокова, ученичка во втора година при СОУ „Гимназија Кочо Рацин“. Наградите им ги врачи градоначалникот Колев.
Наградата за најдобар ученик за 2023 година во основно образование ја доби Ана Митревска, ученичка во осмо одделение во ООУ „Св. Кирил и Методиј“, додека пак за најдобар ученик во средното образование беше прогласен Андреја Нешов, ученик во ССОУ „Димитрија Чуповски“.
Наградата за најдобар наставник по предметна настава од општинските основни училишта и беше доделена на Ружица Петрушевска- Николовска наставничка во ООУ „Блаже Конески“.
Наградата за најдобар наставник по одделенска настава ја доби Славица Петрова, наставничка во ООУ „Блаже Конески“.
На свеченоста, наградата за најдобар наставник во средното образование во Општина Велес и беше доделена на Снежана Хаџиева, наставник во ССОУ „Димитрија Чуповски“.
Свеченоста по повод Денот на сесловенските просветители беше заокружена со настапот на меѓународно наградуваните, нашите велешки амбасадори, Детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ под диригентската палка на професор Веселинка Маџарова.
Нека ни е честит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, браќата солунски, светите Кирил и Методиј.