Традиционални танци и ора, роднокрајни песни и шарени носии низ улиците на Велес во наредните четири дена. Градот ќе живее во духот на песната, играта, традицијата. Од среда, 03 јули, Велес е домаќин на деветнаесеттото издание на „Интернационалниот фолклорен фестивал Велес 2024“. Фестивалот годинава има богата програма со настап на девет странски ансамбли од осум земји, Турција, Романија, Србија, Полска, Црна Гора, Словачка, Украина и Австралија, а на сцената на Афитеатарот во Младински парк ќе заиграат и домашните играорци од КУД „Тодор Јанев“ – Чашка, ФС „Блажевски“ – Скопје, КУД „Гердан од бисери“ – Охрид, ЦК „Бели мугри“ – Кочани и ФА „Тиквеш“ од Кавадарци. Во улога на домаќини и организатори на фестивалот ќе настапат КУД „Коле Неделковски“ Ансамбл „Керамичар“ и ФА „Вила Зора“. Дел од богатата програма се и „Распеани велешани“, Распеани пензионери“, оркестарот на општинското музичко училиште „Стефан Гајдов“.
На денешната прес конференција градоначалникот Марко Колев се заблагодари на организаторите и посака фестивалот да живее уште многу години.
„Ги повикувам сите граѓани на Велес но и пошироко да дојдат и да ги проследат четирите фестивалски денови, заедно да уживаме во прекрасните традиционални танци и песни на гостите од странство но и на домашните фолклорни друштва“, рече Колев.
Фестивалот годинава е финансиски поддржан од буџетот на Општина Велес со 800 илјади денари и околу 300 илјади денари од Министерството за култура. Претседателот на Организацискиот одбор на ИФФ Велес 2024, Томе Јаневски упати благодарност до сите поддржувачи на фестивалот и истакна дека тој е најголемиот промотор на македонската култура и традиција.
„Во оваа прилика упатувам отворена покана до сите граѓани да дојдат и да бидат дел од незаборавната атмосфера во Младински парк“, рече Јаневски.
Годинешното издание на ИФФ започнува во среда, 03 јули, со дефиле на учесниците и најмладите од детската градинка низ улиците на Велес. Свеченото отворање е во 20.30 часот во Амфитеатарот во Младински парк, каде ќе се одржат сите фестивалски вечери.
Во случај на лоши временски услови, фестивалските вечери ќе се одржат во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“.