Денеска се навршуваат 211 години од раѓањето и 146 години од смртта на еден од најголемите градители на сакрални објекти на Балканот во периодот на македонската преродба, Андреја Дамјанов. Делегација на Општина Велес му оддаде почит на Дамјанов и положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште во црквата Св. Пантелејмон.

Андреја Дамјанов е роден во 1813 година во с. Папрадиште, велешко, во семејство на познати мијачки градители. Со своите браќа Ѓорѓи, Коста и Никола мајсторот Андреја градел цркви во Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и во други балкански земји. Дамјанов претставува симбол на македонското неимарство. Тој лично присуствувал при изградбата на секоја црква. Неговите сакрални објекти се карактеризираат како врвни архитектонски дела со декоративни елементи на столбовите кои се белег на неговите градби и со добра акустика. Токму таква е црквата посветена на Свети Пантелејмон, светецот-заштитник на Велес, а архитектите ја препознаваат по изразот „македонска миланска скала”.