Денеска се одбележуваат 75 години од крајот на граѓанската војна во Грција во која својот живот го положија борците од Егејска Македонија, 78 години од смртта на Мирка Гинова и 76 години од егзодусот на децата бегалци.
Пред спомен бистата на Мирка Гинова и спомен плочата на која се испишани имињата на 105 доброволци учесници во граѓанската војна, се поклонија бројни делегации оддавајќи им почит.
Меѓу присутните на настанот беше и 86 годишната Јованка Марковска, родена во Егејска Македонија. Таа се обрати со зборовите „сознанието и чувството дека сум Македонка треба да стојат повисоко од сè високо во светот“.
Со стихови посветени на сите учесници во војната се обрати и поетесата Слободанка Љуткова.
Свежо цвеќе пред спомен бистата којашто се наоѓа наспроти велешката Гимназија положија делегации на општините Велес, Градско и Чашка, пратеникот Александар Јамалов, Здружението на Македонците од Егејска Македонија „Ѕвезда“ од Велес, Сојуз на борците, Здружението на пензионери Велес, делегација на Сојузот на здруженијата на македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“, на политичките партии, Здружение „Мирка Гинова“ од Штип, Здружение „Герман“ од Скопје, на Здружение „Сонцето од Кутлеш“ од Скопје, Здружение на акцијаши Велес како и роднини и пријатели на загинатите борци.