80 години свети слободарското сонце над Велес. 80 години го чуваме и негуваме аманетот што го оставија храбрите велешки јунаци кои со својот живот ја извојуваа слободата што денес ја живееме. Јубилејот 80 години од ослободувањето, Општина Велес го чествува на најдостоинствен начин, со низа активности во спомен на борците чии имиња се длабоко врежани во колективната меморија на велешани.
На свечената академија по повод 9 Ноември, празникот на градот, од сцената на театарот „Ј.Х.К.Џинот“, на присутните гости им се обрати градоначалникот Марко Колев.
„На овој голем ден , со искрени емоции и почит се потсетивме на минатото, но им даваме признание и на оние кои ја одбележаа сегашноста“, истакна Колев.
На свечената академија традиционално се доделија и деветономевриските награди на граѓаните кои достојно го промовираа Велес во земјата и надвор од неа.
Најпрестижната награда за животно дело „Гемиџии“ за 2024 година, ја доби проф. д-р.Јордан Нојков. Нојков е докажан научен работник, хуманист, посветен на науката за најскапоценото-здравјето. Велешанецот, кој несомнено со повеќедецениски непрегор, буквално низ целиот свет го споделуваше вонсериското знаење како врвен анестезиолог.
За посебен придонес во развојот и афирмацијата на Велес и Македонија, Општина Велес им врачи 9-то Ноемвриско признание Пофалница 2024 на Јадранка Мајсторова, Елица Николова, Горан Алексов, Неформална група „Клисура Пешти“ (Слободан Ѓорѓиев, Борче Јовчевски и Сашко Ѓорѓиев) и Здружение за безбедност на вода и планина „Македонски спасител“ Велес.
Благодарница 9 Ноември за 2024 година добија учесниците на 24. Вардарска регата Гемиџии 2024 (Ангелче Гушев, Владимир Ивановски, Трајче Перков, Теодор Ѓоргиев, Владимир Стојановски, Иван Гушев, Зоран Кимов, Александар Алексов, Александар Вренцовски, Горан Богоевски, Горан Здравковски, Даниел Јаневски, Миланчо Митревски, Стивен Бошевски, Александар Златаров, Виктор Миланов, Сашо Темелковски, Томе Шескокалов, Никола Аксентијев, Зоран Пановски, Предраг Игевски, Тони Јошевски), м-р Десанка Николова, д-р Теодора Тодорова, четиричлената планинарска експедиција (Зоран Јаневски, Никола Ангелов, Марјан Малинов и Николче Василев), организаторите на ултрамаратон Велес- Лопушник (Верољуб Додевски, Зоран Димов, Трајче Михов, Томислав Спасевски, Љубиша Андриевиќ), Здружение на граѓани за доброволна работа „Велешки акцијаши“ Велес и Здружение на граѓани ,,ОК Борец ветерани” Велес.
Годинава, Спомен плакета 2024, Општина Велес им врачи на Извиднички одред „Димитар Влахов“ и на државниот ревизор Максим Ацевски. Општинското признание, организаторите на Вардарската регата го добија за нивниот подвиг, велешката гемија да стигне во Солун. Ацевски е награден за севкупниот придонес во развојот и растот на финансиското работење во Велес и Македонија, за штитењето на интересите на државата, односно граѓаните, како даночни обврзници, за наменско и ефикасно трошење на јавните средства.
Наградата Најстудент што го носи името на проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2024 година ја доби Тамара Коцевска, студент на медицина на Медицинскиот факултет при УКИМ.
Во чест на наградените се одржа концерт „Кондензиран воздив по тебе“.