Со панел дискусија за насилството врз жената и девојчињата, во организација на Организација на жени на Општина Велес и Комисијата за еднакви можности при Совет на Општина Велес, вчеравечер во Европска куќа се одбележа Меѓународната кампања „16 дена активизам – Обединети против насилството врз жените и девојчињата“.

На панел дискусијата свое излагање имаа советнички од советот на Општина Велес, Весна Атанасовска и Пандорка Лазаровска Прличкова, претседателката на Организацијата на жени Мирјана Трајкова и психологот Ангелина Димовска Стојанова од Сервисот за психолошка помош и поддршка на жени жртви на семејно насилство.

Пред присутните гости се обрати и претседателот на Советот на Општина Велес, Даниел Јаневски кој посочи дека насилството не познава граници, без разлика на неговата форма, тоа е сериозен проблем кој ја нарушува основата на едно општество, семејството и заедницата.

Насилството врз жените и девојчињата е сериозен проблем на заедницата кој зема поголем замав од година во година. Во 2022 година на територијата на Општина Велес биле евидентирани 60 жртви на семејно насилство. За 13 повеќе, односно 73 жртви се регистрирани во 2023 година.

Сите учесници на панел дискусијата се согласија дека овие бројки се уште поголеми, затоа што голем дел од жртвите не се осмелуваат да го пријават насилството поради страв и срам од општеството. Исто така панелистите се согласија дека се потребни конкретни мерки за заштита на жртвите преку добра меѓуинституционална координација, но истовремено и поригорозни казнени мерки за сторителите на психичкото и физичкото насилство.

Меѓународната Кампања „16 дена активизам – Обединети против насилството врз жените и девојчињата“ ќе трае до 10 декември, на која преку разни форми на предавања, едукативни работилници, панел дискусии, ќе се крене гласот против семејното особено против насилството врз жените и девојчињата.