На светскиот ден на театарот, 27 март, во Велес започнува четвртото издание на театарскиот фестивал 5ре, посветен на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко. Фестивалот ќе стартува со претставата „Госпоѓа Министерка“ во продукција на театар „Ј.Х.К. Џинот“ а во режија на Синиша Ефтимов, со која актерката Зорица Панчиќ одбележа 30 години кариера во велешки театар.
Во чест на Петре Прличко и годинава ќе биде доделена наградата за животно дело и тоа на актерката Слободанка Чичевска која четири децении е дел од велешкиот театар и има одиграно улоги во бројни тетараски претстави кои оставиле траен белег во театарската уметност.
Фестивалските денови ќе траат до 16 април кога за прв пат ќе бидат доделени и награди за најдобар актер, најдобра актерка, најдобар режисер и најдобра претстава. Во десетте фестивалски вечери освен македонски театри ќе настапат и театри од Србија и Црна Гора.
Билетите се во продажба на билетарата во театарот. Средствата што ќе се соберат од продажбата на билетите од отворањето на фестивалот ќе бидат наменети за настраданите во несреќата во Кочани.
Градоначалникот Марко Колев и организаторите на фестивалот „5ре“ , ЗГ „Плус публика“, на денешната прес конференција , изразија искрено и длабоко сочуство до семејствата на загинатите, како и желби за побрзо оздравување на повредените.





