Претставници на Министерството за труд и социјална политика, денес присуствуваа на работен состанок со градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски на којшто разговараа околу утврдувањето на улогата, можностите и потенцијалите за вклучување на општината во остварување и заштита на правата на лицата со попреченост.
Министерството за труд и социјална политика веќе ја спроведува Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 и активностите кои се предвидени за реализација по Акциониот план, со фокус на препознавање и признавање на потребите на лицата со попреченост, нивните животни приоритети, преку воспоставување на сервиси и поддршка во локалната заедница.
Општина Велес е една од десетте општини кои се одбрани од страна на Министерството во кои ќе се реализиараат целите на Стратегијата. Со имплементација на активностите од проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги, кој е финансиран од Делегацијата на Европската унија, а спроведуван од „ЕПТИСА”, Општина Велес ќе придонесе за поголемо вклучување на лицата со попреченост, како рамноправни и активни граѓани во своите локални заедници.