На сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ вчеравечер свечено беа отворени шеесет и вторите Рацинови средби кои годинава се одбележуваат под слоганот „Зборот од мугрите – аманет што не згаснува“.  Пред присутните гости се обрати градоначалникот Марко Колев кој порача Рацин да продолжи да биде македонска меморија, камен темелник од минатото кој со нашите дела гордо ќе го извишуваме и во иднината.

„Рациновата мугра нека биде поттик за секој од нас да го пронајде својот пат за чување на македонскиот јазик, култура, историја и традиција“, додаде Колев.

Во чест на безвремениот Рацин беседеше проф. д-р Венко Андоновски.

Годинава Рациновото признание и припадна на авторката Оливера Ќорвезироска за романот „Три Марии“. Наградата и ја доделија градоначалникот Марко Колев и министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Свеченоста ја заокружи емотивниот музичко-поетски перформанс на Марко Виденовиќ и трио Мевлем.

Со танцов перформанс и положување свежо цвеќе делегации оддадоа почит на вечното почивалиште на Рацин, Спомен костурницата и на споменикот на Рацин во дворот на Гимназијата.

Во рамки на одбележувањето на Рациновите средби, во фоајето на театарот беше промовирана и изложбата „Летаргија“ на академскиот скулптор Ангел Коруновски.