Стотина планинари од Велес, Битола, Прилеп, Кичево и Скопје учествуваа на еднодневниот марш до Лопушник во чест на поетот и револуционер Коста Солев Рацин. Маршот стартуваше од село Извор а групата беше обележана со официјалното знаме на Општина Велес. На врвот Стог на Лопушник, групата пристигна во попладневните часови и заедно со претставниците на Општина Велес положи свежо цвеќе пред споменикот на Рацин. Таму се читаа делови од песните на Кочо Рацин и дел од авторските песни посветени нему, кои во 2019 година, во чест на шестдневниот марш за Рацин, ги напишаа учениците од ОУ Илија Лумбарковски од Новаци, Општина Битола.
Планинарите го посетија и местото на погибјето на Рацин, положија свежо цвеќе и запалија свеќи.
Целта на маршот е оддавање почит на великанот на македонската поезија Коста Солев Рацин познат насекаде во светот по неговите „Бели Муги“, кој трагично загина пред 82 години на планината Лопушник.