Во тек се подготовките за еден од најзначајните културни настани во Велес Интернационалниот фестивал на античка драма Стоби. Годинава по дваесет и втори пат ќе се одржи реномираниот фестивал на кој ќе настапат неколку театри од земјава и странство кои ја негуваат античката драма. Свеченото отворање на фестивалот е на 29 октомври со претставата „Агамемнон: кругот на крвта“ во изведба на театар клуб од Њујорк. На сцената на велешки театар, во рамки на фестивалот ќе се претстават кумановскиот театар со претставата „Калигула“, драмски театар со „Ифигенија за ништо“ и „Нешто големо“ во изведба на театар од Италија. Со претставата „Лекција“ на штипскиот театар, на 5 ноември, свечено ќе биде затворено овогодинешното издание на фестивалот на античка драма кога ќе се доделат и традиционалните награди за најдобра машка и женска улога, најдобра режија и најдобра претстава како и престижната Гран при награда.
Интернационалниот фестивал на античка драма Стоби е во организација на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
Општина Велес ги поканува сите љубители на античката драма да ги проследат петте фестивалски вечери и да уживаат во магијата на театарската уметност.




