9 Ноември, е еден од најзначајните и најсветлите историски датуми за Велес и велешани. Годинава Велес слави 81 година од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор. На овој ден пред 81 години херојството и пожртвуваноста на сите знајни и незнајни борци биле пресудни да се извојува долгопосакуваната слобода. По тој повод, денеска делегации на Општина Велес, на АРМ, политички партии, граѓански организации и други се поклонија пред споменикот на паднатите борци за слобода во Спомен Костурницата и пред бистите на народните хероји во Младински парк.
Во рамки на одбележување на 9 Ноември, Денот на Општина Велес вчера во спортската сала „Гемиџии“ се одржа пријателски ракометен натпревар помеѓу РК „Борец Ветерани Велес“ и РК „Репрезентација на Македонија“ Скопје. Велешани имаа можност на терен да ја проследат играта на ракометните великани Лоренс Ангов и скопските ракометни великани предводени од Пепи Манасков.
Велес вечерва ќе им оддаде признание на истакнати велешани кои годинава со својата професионална работа го промовирале градот во земјава и во странство.















































