Сто шеесет и седум ученици од основните и средните училишта во Велес и 66 ментори добија награди и признанија од Општина Велес за нивните постигнати успеси на државни, меѓународни и олимписки натпревари за учебната 2024/2025 година. Во нивна чест денеска во Големата сала на Општина Велес се доржа свечена манифестација на која градоначалникот Марко Колев им ги врачи признанијата  и им посака уште поголеми успеси секоја наредна година. Финансиска поддршка и признанија добија 123 ученици и 44 ментори од општинските основни училишта и 44 ученици и 22 ментори од општинските средни училишта.

„Втора година по ред општината ги наградува овие ученици за да ги мотивира и охрабри да продолжат по истиот пат, по патот на успехот. Им честитам на сите наградени ученици и секако на нивните ментори за вложениот труд и за постигнатите резултати“, истакна Колев.

Иницијативата да се наградат учениците кои постигнале успеси и надвор од воспитно – образовниот процес и школските активности е на градоначалникот Марко Колев со тенденција да стане традиција и своевиден поттик за учење, творење и постигнување резултати.

Наградите и признанијата се врачија во чест на одбележувањето на празникот на градот, 9 Ноември.

Фотографиите од настанот може да ги преземете на следниот линк