Дваесет и три годишниот Стојанче Илчевски од месноста Врналиите е најсреќниот од деведесет и седуммината велешани кои денеска скокнаа во ладните води на реката Вардар под Мало Мовче за да го фатат светиот животворен крст. Тој досега четири пати скокал по крстот во осветените води на Вардар, но годинава, со поддршка на неговата тајфа, успеал да го фати.
На традиционалната манифестација „Богојавление Водици“, на која Митрополитот Повардарски Г. Агатангел ги осветува водите на Вардар и го положува Чесниот крст, и претходеше литургија која се одржа во црквата Св. Спас.
Заедно со свештениците и граѓаните – верници, годинава на Литијата присуствуваше градоначалникот Марко Колев, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, пратениците Игор Здравковски и Александар Јамалов како и претседателот на Советот на Општина Велес Даниел Јаневски.
Среќниот фаќач на крстот беше даруван од Повардарската Епархија, Општина Велес и други дарители.