Денеска се одбележа 157 годишнината од раѓањето на Васил Главинов. По тој повод, делегација на Општина Велес, АРМ и други институции положија свежо цвеќе пред спомен бистата на Главинов во дворот на основното училиште што го носи неговото име.

Васил Главинов е истакнат велешки револуционер и поборник за работничките права. Основач е на првото просветно работничко друштво во Македонија и целата своја дејност ја посветува на работничките права и идеите за социјална и национална слобода.

Васил Главинов е роден на 19 март 1869 година во Велес. Потекнува од сиромашно семејство и немајќи можност да го продолжи своето образование тој го изучува столарскиот занает и уште како млад се соочува со социјална неправда која го води во неговиот понатамошен животен и револуционерен пат.