На светскиот ден на театарот, 27 Март, Велес е центар на културните збиднувања. Стартува петтото издание на театарскиот фестивал „5ре“. На сцената на велешкиот театар вечерва премиерно ќе се одигра претставата „Тестостерон“, во режија на Синиша Ефтимов. Претставата, во изведба на велешките актери ќе се одигра и утре на 28 март. Во рамки на фестивалот што ќе трае до 8 април ќе се одиграат вкупно 7 претстави, од кои две од странство.
На 31 март ќе се одигра претставата „Куршуми над Бродвеј“ во продукција на Драмски театар. На 2 април ќе се одигра претставата „Болва во уво“, на 3 април гостува Црногорско народно позориште од Подгорица со претставата „Другата страна“. На 4 април предвидена е претставата „Не се клади на енглези“ на театар „Бора Станковиќ“ од Врање Србија, на 6 април „Народен пратеник“ на МНТ од Скопје, на 7 април „Аматери“ на Театар Комедија. Фестивалот завршува со монодрамата „Сите прекрасни нешта“ во режија на Дејан Пројковски, во изведба на Охо продукција.
На фестивалот, во чест на Петре Прличко, и годинава ќе бидат доделени наградите за најдобра машка и женска улога, најдобра претстава и режија. Ќе биде доделена и актерската награда за животно дело „Петре Прличко“.
Фестивалот е во организација на здружението „Плус публика“. Финансиски е поддржан од Општина Велес со 800 илјади денари и од Министерството за култура со 408 илјади денари.
Тетатарскиот фестивал зазема значајно место во културниот и општествениот живот во Велес.



