Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот Марко Колев денеска извршија увид во градежните активности за реконструкција на тартан подлогата на атлетската патека на Градскиот стадион во Велес.

„Многу е важно атлетиката да ја подигнеме на едно повисоко ниво затоа што атлетиката е кралица на сите спортови. Само со инвестирање во спортската инфраструктура можеме да очекуваме напредок во спортот“, изјави министерот Ристовски.

Деновиве се изведуваат градежни активности од втората фаза на реконструкција на патеката, се асфалтира стазата а потоа во зависност од временските прилики ќе се постави и тартан подлогата.

„Со министерството интензивно преговаравме за реконструкција на патеката затоа што во Велес има многу граѓани кои рекреативно се занимаваат со овој спорт но исто така и оние кои професионалносе занимаваат. Ние како општина ќе продолжиме да работиме на подобрување на спортската инфраструктура“, изјави градоначалникот Колев.

Инвестицијата е на министерството за спорт, изнесува околу 20 милиони денари. Реконструираната атлетска стаза се очекува да биде пуштена во употреба пред почетокот на летото.