Врз основа на член 5 од Правилник за утврдување на условите, начинот и постапката за користење на финансиски средства за субвенционирање на дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес со бр.25-2292/1 од 08.05.2026 година, а во врска со Програмата за активностите на Општина Велес во областа на евроинтеграциите и локалниот економски развој во 2026 година („Службен гласник на Општина Велес бр.16/25), Општина Велес објавува:
ЈАВЕН ПОВИК
за субвенционирање на дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање
на подрачјето на Општина Велес
- ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
1.1 Предмет на јавниот повик е субвенционирање на вршители на занаетчиска дејност, регистрирани во Регионалната занаетчиска комора – Велес кои бележат намалување на активностите во континуитет, а согласно Одлуката за определување на дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.4/26) се определени како дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес.
1.2 Согласно Програмата за активностите на Општина Велес во областа на евроинтеграциите и локалниот економски развој во 2026 година, точка 2, за активност „Локален фонд за поддршка на мали бизниси, стари занаети и ракотворци“, предвидени се финансиски средства во вкупен износ од 500.000,00 денари.
1.3 Средствата предвидени за оваа намена ќе се распределуваат по принципот на пропорционалност, на начин што вкупниот износ (во потточката 1.2) ќе се подели подеднакво меѓу сите баратели кои ги исполнуваат условите од јавниот повик. Максималниот износ на поединечната субвенција не може да надмине износ од 15.000,00 денари по корисник, со вклучен персонален данок на доход.
- ПРАВО НА УЧЕСТВО НА ЈАВНИОТ ПОВИК
2.1 Право на користење на финансиски средства за субвенционирање на дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес, имаат вршителите на занаетчиска дејност кои се определени како дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес: грнчари, ковачи, опинчари, јажари, крзнари, шапкари, свеќари, венци, корпари, копчари, кујунџии, каменорезачи, клучари, саатчии, ткајачи, кондураџии, фурнаџии – фурна на дрва, рачна изработка на сита, изработка на филигран, накит и слични производи, производство на музички инструменти, резба на дрво и бакар, пирографија, изработка на народни носии, домашна ракотворба, ракотворби – изработка на сувенири и производство од хартија, кои ги исполнуваат условите од точката 3 од овој повик.
- УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА
3.1 Барателите треба да ги исполнува следниве услови, и тоа:
– да се регистрирани како вршители на занаетчиска дејност согласно Закон за занаетчиство („Службен весник на Република Македонија“ бр.215/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021);
– да имаат занетчиска дозвола;
– да се жители односно да имаат регистрирано седиште (во трговскиот рагистар на Централниот регистар на Република Македонија) во Општина Велес;
– да се определени како дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес согласно Одлуката за определување на дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес бр.4/26) и
– да ги имаат подмирено своите обврските кон Општина Велес (комунална такаса – фирмарина и данокот на имот доколку дуќанот е во сопственост на подносителот на барањето), за претходните две години.
3.2 Податоците за подмирени обврските на барателите кон Општина Велес ќе бидат обезбедени од Комисијата надлежна за спроведување на јавниот повик.
- ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
4.1 Барателот треба да ја достави следната документација, и тоа:
– Барање за субвенција – Образец 1 (може да се подигне во архивата на Општина Велес или да се обезбеди од веб страната на Општина Велес www.veles.gov.mk);
– Копија од Решение за упис во Занаетчискиот регистар;
– Копија од занаетчиска дозвола;
– Тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија, не постара од 6 месеца;
– Копија од лична карта и
– Копија од жиро сметка/трансакциска сметка на барателот.
4.2 Горенаведената документација треба да се достави во оригинал или копија. Доколку документацијата се доставува во копија, поднесителот на барањето ја потврдува веродостојноста со свој потпис и печат.
4.3 Комисијата нема да ги разгледува барањата со непотполна документација или поднесени по истекот на предвидениот рок.
4.4 Барателите може да поднесат само едно барање за субвенционирање по јавниот повик.
- НАЧИН И РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ И РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА БАРАЊАТА
5.1 Барањето за субвенционирање на дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес, заедно со пропратната документација треба да се достави во затворен плик, во архивата на Општина Велес секој работен ден од 08:00 до 15:00 часот или преку пошта, на адресата на општината ул. „Панко Брашнар“ бр.1, 1400 Велес.
5.2 На предната страна на пликот треба да стои назнака: „Јавен повик за субвенционирање на дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес“. На задната страна на пликот треба да стои: име и презиме/назив и живеалиште/седиште на занаетчијата/вршителот на занаетчиската дејност.
5.3 За утврдување на исполнување на условите за користење на финансиски средства за субвенционирање на дефицитарни занаети или занаети во изумирање во Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес формира Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес.
5.4 Комисијата ја спроведува постапката и врши работи поврзани со јавниот повик, утврдува кои баратели ги исполнуваат условите за стекнување на правото на поединечна субвенција и доставува предлог до Градоначалникот, за одобрување на барањата на барателите кои ги исполнуваат условите односно за одбивање на барањата на барателите кои не ги исполнуваат условите согласно Правилникот.
5.5 Градоначалникот на Општина Велес, на предлогот на Комисијата донесува Решение за утврдување на правото на субвенција на барателите кои ги исполнуваат условите согласно Правилникот, во рок од 5 дена од денот на доставување на предлогот од страна на Комисијата, како и ја објавува листата на корисниците.
5.6 Субвенцијата се исплаќа во денари, на сметката на барателите. Уплатата на персоналниот данок на доход ќе ја изврши општината, а неговиот износ ќе се одбие од износот на доделената поединечна субвенција на барателите.
5.7 Јавниот повик трае 30 дена од денот на објавувањето на ден 13.05.2026 година до 11.06.2026 година.
5.8 Јавниот повик е објавен на официјалната веб страна на Општина Велес (www.veles.gov.mk).
5.9 Информации во врска со јавниот повик може да се добијат по електронски пат од Одделение за евроинтеграции и локален економски развој, на следниот e-mail: frosina.madzarova@veles.gov.mk


