Авторот и есеист Наум Пановски е добитник на највисокото „Рациново признание“ за 2026 година. Оваа награда ја добива за романот „Коста Солев Смртопис“, роман со став, идеја и повик за себе-преиспитување. 
На конкурсот за избор на Рациновото признание 2026 пристигнале вкупно 25 дела, од кои жири комисијата во состав проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лорета Георгиевска Јаковлева и проф. д-р Марија Ѓорѓиева Димова одлучила престижната литературна награда да ја добие токму романот „Коста Солев Смртопис“.
Романот на Наум Пановски се заснова на проверени факти и посветена истражувачка работа и во него за прв пат е расветлен уделот што во животот на Коста Солев го одиграле две образовани млади жени, Невенка Вуиќ и Малина Поп Иванова, со кои тој ги споделувал и ги градел своите прогресивни идеи, поглед кон светот, замислата и борбата за класна правда во општеството.
Во својот роман Пановски порачува дека сите носиме одговорност и вина за неговата трагична смрт.
Наградата „Рациново признание“ ќе му биде врачена на свеченото отворање на 63-тото издание на Меѓународните Рацинови средби.