Во рамки на чествувањето на 63.Рацинови средби вчеравечер во локалната библиотека „Гоце Делчев“ се одржа промоција на монографијата „Кон творештвото на Васил Тоциновски“ од авторот Васил Дрвошанов. За делото на и вредноста на овој значаен македонски литературен деец, истражувач, критичар и дводомен писател говореше промоторот Мишо Китановски кој со длабока емотивност се осврна на богатото творештво на Васил Тоциновски и трајниот белег што го остава на македонската книжевност и култура.
Повод за објавување на монографијата е 80 години од животот и творештвото на Васил Тоциновски и содржи 14 опсежни прилози, поделени во три поглавја, поетски интерпретации, книжевни книги и јазични анализи.
Во спомен куќата на Рацин пак одекнаа стиховите на велешките поети кои со своето творештво го оживеаја духот и наследството на големиот поет. Во рамки на настанот се промовираше и списанието „Велес“. Промоторот Васил Тоциновски говореше за улогата на списанието во зачувување и промоција на културното наследство на Велес.
Присутните на настанот уживаа во магијата на зборот и мелодијата обединети во едно незаборавно доживување.















