Во рамки на активностите по повод Европската недела на мобилност, Општина Велес организираше велосипедска тура под мотото „Возиме со велосипеди – за зелена иднина“.
На велосипедската рута од зградата на Општина Велес до месноста Бабуна се приклучија околу 50 учесници, меѓу кои средношколци, членови на Советот на Општина Велес, дел од јавната администрација и други љубители на велосипедизмот.
Заеднички испратија порака дека “одржливата мобилност” не е само идеја, туку нешто што можеме да го применуваме во секојдневниот живот, со избирање на еколошки алтернативен превоз за движење низ градот, создаваме почиста и поздрава урбана средина!
Пред стартот на велосипедската тура, од страна на менаџерот на проектот „Паметни решенија Велес – продолжуваме“, а во име на Градоначалникот на Општина Велес, беше промовиран и концептот за ставање во функција на 10 електрични велосипеди, набавени во рамки на проектот.
Концептот предвидува електричните велосипеди да бидат достапни за потребите на граѓаните и општинската администрација, со можност да се користат за (до)обезбедување и доставување на потребна документација од/до соодветни јавни институции, на територија на Општина Велес.
Во наредниот период ќе бидат објавени правилниците и условите за користење, по што граѓаните ќе имаат можност да користат алтернативен, еколошки и практичен начин на транспорт – целосно бесплатно.
Со оваа иницијатива Општина Велес продолжува со воведување на одржливи решенија кои придонесуваат за поголема мобилност, намалување на употребата на автомобили и создавање почиста и поздрава средина.
Благодарност со СВР Велес кои се погрижија за безбедноста и општествено-одговорните компании Алкалоид АД Скопје и КАМ ДОО кои обезбедија освежување за учесниците.