Се прават последните подготовки за традиционалниот Фестивал на велешка пита и вино „Питијада 2026“ што годинава ќе се одржи од 09 до 11 октомври. На големо задоволство на посетителите кои доаѓаат од сите краеви на државата, манифестацијата ќе понуди низа забавни активности и бројни гости пејачи и изведувачи кои со својот настап ќе ја збогатат манифестацијата. Велес ќе биде центарот во кој ќе се спои традицијата, мирисот на велешката пита пастрмајлија, доброто вино и тридневната музичка забава.
Фестивалот започнува во петок со настапот на малите веклешанчиња од детската градинка „Димче Мирчев“, а потоа следува џиновската пита пастрмајлија која годинава ќе го сруши рекордот. Програмата продолжува со настапите на Тони Андреев, Влатко Миладиноски заедно со оркестарот на Златко Миладиноски. Вечерта завршува со настапот на нашата поп ѕвезда Влатко Лозаниноски- Лозано.
За забава на најмалите посетители на питијадата, на вториот ден од фестивалот, ќе се погрижи детскиот фестивал „Јаболчиња“. Потоа следува настапот на Марија Спасовка, Ана Петановска, Александар Тарабунов. Саботната вечер е резервирана за балканската ѕвезда Наташа Беквалац, која со своите хитови ќе ги забавува гостите на питијадата.
На третиот ден од фестивалот ќе настапат Благица Павловска, Антониа Гиговска, Давид Темелков и специјалните гости, легендарната група „Црвена Јабука“.
Посетителите ќе имаат можност да го посетат и Базарот на рачно изработени производи и ракотворби кој ќе биде поставен на улица „Благој Ѓорев“, на влезот на Гимназијата „Кочо Рацин“.
За прв пат годинава, традиционалната велешка пита ќе биде оценувана од жири составено од 15 познати шефови како што се Стево Карапанџа, Уве Мишел, Драгица Лукин и многу други кои ќе ги вкусат питите и ќе изберат една единствена најдобра велешка пита.
Викендов Велес ќе понуди богата тридневна забава проследена со бројни активности за сите генерации.
Повелете на пита што мириса на традиција, вино што ја збогатува приказната и музика што го исполнува градот.





