Советот за превенција од детско претстапништво денеска одржа едукативна трибина наменета за учениците од основните и средните училишта во Велес, со цел подигнување на свеста за навремено препознавање на ризиците, заштита на личната безбедност и поттикнување правилен психофизички и социјален развој на младите. Претседателката на советот Катерина Ставревска ја истакна важноста од континуирано спроведување на активности за намалување на сите облици на насилство и девијантно однесување.

На трибината беа опфатени повеќе актуелни теми кои директно влијаат врз секојдневието на младите, нивното здравје, безбедност и однесување во општеството.

За болестите на зависност, превенцијата, ризиците и последиците од употребата на штетни супстанции говореше д-р Лидија Чолакова Дервишова. Таа ги советуваше да не посегнуваат по алкохол или дрога затоа што штетата од конзумирање е многу лоша.

Посебно внимание беше посветено и на врсничкото насилство – препознавање, спречување и правилно постапување при појава на насилство. На оваа тема говореше Елена Цветкова, социјален работник во Центарот за социјални работи Велес.

На тема безбедното користење на интернет – препознавање на негативни содржини  говореше Раде Стефановски од СВР Велес.

За безбедноста во сообраќајот говореше Трајче Мечалов, претставник од СВР Велес, додека информации за најактуелната тема меѓу врсниците – булингот им пренесе Џенифер Калинов од СВР Велес.

Преку стручни совети, едукативни содржини и интерактивна комуникација, учениците имаа можност да се запознаат со потенцијалните опасности, но и со начините како да се заштитат себеси и своите врсници.