Со традиционалната крводарителска акција започна чествувањето на празникот на градот, 9 Ноември. На акцијата беа собрани рекордни 201 крвна единица. Од дарителите дури 11 граѓани по прв пат ја дарувале својата крв.
Крводарителската акција се реализираше во организација на Општинската организација на Црвен крст Велес и Мото клуб „Носачи на крстот“.
Во рамки на одбележување на денот на ослободувањето на Велес, викендов се одржа детска и рекреативна трка на 5 километри со наслов „Велес трча“. На детската трка учествуваа 400 деца поделени во четири категории, додека на рекреативната трка учество зедоа 150 професионални атлетичари од клубови на различни градови во земјава.
Викендов се одржа и ракометен ревијален натпревар помеѓу ветераните на „Борец“ и “Овче Поле“ во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“, во организација на ЗГ „Спортски ветерани Велес“. Натпреварот беше повод за средба на поранешни ракометари на двата клуба.
Одбележувањето на 82 годишнината од ослободувањето на Велес продолжува и денеска со положување на цвеќе пред бистите на народните херои од НОВ во Младински парк и пред паметникот на паднатите борци во Спомен костурницата.
Програмата за одбележување на празникот продолжува вечерва со свечена академија на која ќе бидат врачени деветоноемвриските признанија, наградата за најстудент „Ѓорѓи Шоптрајанов“ и наградата за животно дело „Гемиџии“.