Пред спомен бистата на великанот Коста Солев Рацин, во дворот на Гимназијата што го носи неговото име, денеска започна патувањето на 59. Детски Рацинови средби. Во чест и почит за Рацин, од грлата на најмалите од детската градинка „Димче Мирчев“ одекнаа стихови со симболична порака, неговиот лик и дело вечно да се паметат. Потоа се поклонија и положија цвеќе.
Претставници на Општина Велес, Гимназијата, народната библиотека училиштата и други јавни институции, положија цвеќе пред бистата на Кочо Рацин.
Програмата на 59-то издание на Детските Рацинови средби опфаќа литературни, ликовни и грнчарски работилници, книжевни средби, посети на Спомен-куќата на Рацин, како и свечена завршна програма со доделување награди на најуспешните ученици.
Во наредните неколку дена градот повторно ќе живее во духот на Рацин, од велешките сокаци ќе одѕвонуваат неговите стихови, а неговата безвремена поезија ќе ги обедини љубителите на пишаниот збор, уметноста и културата.








