Денеска во АД „Димко Митрев“ беше пуштена во употреба станицата за пречистување на хромните отпадни води од штавниот погон на фабриката. Ова е прва фаза од системот за прочистување на отпадните води од фабриката. Инвестицијата е во износ од 300.000 евра сопствени средства.
На денешната свеченост, пред присутните се обрати генералниот извршен директор на АД „Димко Митрев“, Атанас Киров кој упати благодарност до Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски и стручните служби на општината за меѓусебната соработка во реализацијата на оваа инвестиција која е целосно во прилог на заштитата на животната средина.
Хромот е најголемиот загадувач на отпадните води од штавење. Затоа третманот на вкупната отпадна вода од фабриката е поделен во две фази – во прва фаза е третманот на отпадната вода со хром, а во втората фаза третман на останатата отпадна вода. За таа цел, во посебен простор во фабриката е инсталирана опрема за третман на хромната отпадна вода што денес за прв пат е пуштена во употреба.
Наскоро фабриката ќе ги започне активностите од втората фаза за третман на останатите процесни води. Оваа фабрика е носител на еколошка Б-Дозвола за усогласување со оперативен план, а оваа активност е обврска од оперативниот план во дозволата.
За Општина Велес од исклучителна важност е да има што повеќе позитивни примери во бизнис секторот како што е примерот на АД „Димко Митрев“. Од најголемо значење е правните субјекти да инвестираат во животната средина и да бидат општествено одговорни компании кои ги спроведуваат обврските од еколошките дозволи.
Општина Велес го поздравува овој позитивен пример и ги поканува сите компании да го следат. Општината преку своите инспекциски служби ќе продолжи да го следи работењето и влијанието врз животната средина на фабриката „Димко Митрев“.