Минатата недела започнаа градежните активности за целосна реконструкција на тротоари со нивелацација на рабниците (ивичњаците) на ул. „Благој Ѓорев”. Во моментов е завршена реконструкцијата на тротоарот кај пешачкиот премин во близина на Трговскиот центар, а деновиве се работи на локацијата кај Гимназијата „Кочо Рацин”. Во рамките на овие активности планирана е реконструкција на вкупно 23 локации кои беа во исклучително лоша состојба вдолж главната велешка улица.
Со нивелацијата на рабниците значително ќе се олесни пристапноста на лицата кои имаат ограничена мобилност, повозрасни лица, но и на родители кои управуваат со детски колички.
Со порамнувањето на рабниците исто така ќе се зголеми и нивото на безбедноста на пешаците во сообраќајот што е еден од приоритетите на Општина Велес.
Планираните средства за реконструкција на тротоарите во висина од 1.059.468 денари (17.227 евра) се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП во рамките на проектот „Велес без бариери“, а сопствено учество обезбеди и општината. Во рамките на овој проект предвидено е поставување и на внатрешен лифт со четири станици во Гимназијата “Кочо Рацин” и СОУ „Димитрија Чуповски“, со кој на учениците, но и на посетителите на училиштата кои се со ограничена мобилност ќе им се овозможи полесен пристап до училниците и административните простории. Оваа инсталација ќе помогне и за побрз транспорт на ученици и вработени во случај на можни повреди.