По повод 9 Ноември, Денот на Општина Велес, денес во Младинскиот парк се одржа едукативен час по возење велосипед на кој учениците од основните и средни училишта од градот и децата од ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев” научија нови вештини за правилно управување со велосипедот.
На настанот кој го организираше ЗГ „Велес бајкинг” и Општина Велес пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, кој во своето поздравно обраќање ја истакна важноста на велосипедот како алтернативно и еколошко превозно средство.
Истовремено, беа прогласени и младите ликовни уметници кои создадоа ликовни творби на тема „Велес во кој сакам да живеам”. Првата награда, велосипед му припадна на Окан Демиралиев, ученик во 8А одделение во ООУ „Панко Брашнаров” – ментор Елена Димова Пантелиќ. Второнаградена е ученичката Јована Алчева, 4одд во ООУ Блаже – ментори Магдалена Камшева и Павлина Андова. Третата награда ù припадна на Миа Ников, ученичка во прво одделение во ООУ „Стојан Бурчески Буридан”, ПУ Отовица – ментор Сања Ников.
Комисијата за заштита на правата на децата ги додели и наградите и за најдобрите видео записи на тема „Велес низ мојот објектив”. Прва награда беше доделена за видеото на Христијаn Киров од СОУ „Димитрија Чуповски”, ментор Руска Мицева. Второнаградено е видеото на Кире Џунџев, ССОУ „Коле Неделковски”, ментор Сашко Ѓоргов. Третонаградено е видеото на Мартин Голчев, од ССОУ „Коле Неделковски”, ментор Сашко Ѓоргов. Додека пак „Тишина на мокрите улици” е четвртонаградено од Бојана Велковска и Ивона Настова, од СОУ „Гимназија Кочо Рацин”, под менторство на Кристијан Тодоров.