По повод 80 години од излегувањето од печат на антологиската збирка „Бели мугри“ од Коста Солев Рацин, денес во Локалната библиотека „Гоце Делчев“, Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ во соработка со Општина Велес, организираше поетско чествување.
Пред присутните љубители на пишаниот збор и почитувачи на делото на Рацин, поздравен говор имаше Игор Крајчев, директор на Локалната библиотека, а книжевно обраќање имаше проф. д-р Кристина Николовска, која говореше за животот на големиот поет и за значењето на неговите „Бели мугри“ при што го потенцираше фактот дека стихозбирката е напишана на велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Стихови посветени на Рацин и белите мугри читаа членовите на клубот на писатели. Во чест на великанот и печатењето на стихозбирката беше промовиран краткометражен филм посветен за животот на музата и инспирацијата на Рацин, Ленка, изработен од Љупчо Данов и Весна Димитровска Бобевски.
На 25 ноември 1939 година во печатницата на Драгутин Шпулер, во Самобор, Република Хрватска, во 4 000 примероци, на 31 страница е отпечатена збирката поезија „Бели мугри“ на Коста Солев Рацин.
Стихозбирката „Бели мугри“ со добро познатите „Денови”, „Печал”, „Селска мака”, „Тутуноберачите”, „Ленка”, „Проштавање”, „Балада за непознатиот”, „Елегии за тебе”, „Утрото над нас”, „Татунчо”, „На Струга дуќан да имам” и „Копачите” е своевиден културолошки феномен кој одигра огромно влијание на генерации поети и писатели посветени на развојот на македонската литература, а Коста Солев Рацин се смета за основоположник на современата македонска литература.
Во периодот кој претстои, јубилејот 80 години од излегувањето од печат на „Бели мугри”, Општина Велес ќе го одбележи и со други содржини