Актерот Атила Клинче е добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2026 година. Ваква одлука донесе жири комисијата составена од актерите Васил Зафирлев, Слободанка Чичевска и Благојчо Стојанов.

Актерот Атила Клинче е еден од најистакнатите македонски актери  со одиграни голем број на улоги од домашната драматургија и светската класика. Неговиот актерски опус вклучува комплексни и значајни ликови како Хамлет, Едип, Мемет, Магбет, Креонт и многу други.

За својата извонредна длабочина во актерската изведба на ликовите има добиено бројни награди  како што се наградата за млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“, државната награда „11 Октомври“ како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста и другите дејности од јавен интерес. Во 2003 год од страна на Турските медиуми е прогласен за Актер на годината. За најдобар во својата професија е прогласен и од страна на весникот „Млад Борец“.  Покрај својот актерски ангажман, Атила Клинче е професор по сценски говор на Факултетот за Драмски Уметности, каде ги обучува новите генерации актери, кои денес се дел од македонската театарска уметност.

Прес конференцијата ја отвори заменик градоначалничката на Општина Велес Елизабета Митревска Анѓелеска која истакна дека театарскиот фестивал „5ре“ зазема значајно место во културниот и општествениот живот на Велес.

Наградата на овогодинешниот лауреат ќе му биде врачена во рамки на фестивалот на комедија „5ре“ кој ќе се одржи од 27 март до 08 април.