Почитувани театарски работници и љубители на театарската уметност,
Во име на Советот на Општина Велес, во име на граѓанките и граѓаните на Општина Велес и во свое лично име, Ви го честитам 27 март, Светскиот ден на театарот.
Театарот е магија, волшебство, мистерија, театарот е култно место во кое секој што влегол не останал рамнодушен, со себе понел чувство на возвишеност, длабока размисла, прочистување и духовна рамнотежа.
Тоа чувство ни го давате Вие, почитувани актери и вработени во НУЦК „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, кои со својот професионализам, креативност и посветеност на театарската сцена, не понесувате во едно друго време, во една друга димензија. Затоа велешани отсекогаш имале напредна мисла и авангарден дух и безрезерно го почитуваат театарот и театарската уметност.
Ви посакувам успешна и плодна театарска година, продолжете да творите во името на сите вљубеници на театарската уметност, останете доблесни во заштита и развој на универзалните културни вредности.
Општина Велес останува Ваш верен партнер и соработник во сите сегашни и идни проекти кои придонесуваат во културниот развој и образованието на нашиот град.
Со почит,
Градоначалник на Општина Велес
Аце Коцевски