Во просториите на Општина Велес, денес се одржа шестата по ред од серијата јавни трибини за дигитализација на јавните услуги во Република Северна Македонија.

Пред претставниците на невладиниот сектор, јавните институции и бизнис секторот од градот, на темата говореше Дамјан Манчевски, Министер за информатичко општество и администрација. Манчевски го истакна значењето на националниот портал за електронски услуги, uslugi.gov.mk кој во целост го изработи Министерството и кој во моментов обединува 127 услуги што ги задоволуваат потребите на граѓаните и значително го намалуваат времето потребно за завршување на административните постапки.

Следна услуга, како што потенцираше Манчевски, која ќе се најде на порталот е електронското впишување на децата во детските градинки и општинските училишта која како пилот активност ќе биде реализирана и во Општина Велес. „Апсолутно е добро што имаме вакви лидери во локалната самоуправа”, рече министерот Манчевски за степенот на развој на дигиталните услуги во Општина Велес. Тој навести дека брзо ќе дојде време кога услугите ќе бидат единствено возможни по електронски пат.

„Општина Велес веќе има 47 дигитализирани услуги достапни на едно место. Не застануваме тука и работиме на постојано подобрување на квалитетот, достапноста и брзината на услугите во интерес на граѓаните“, рече на трибината градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски кој зборуваше за постоечките дигитални услуги на локално ниво и интеграцијата на услугите на локалната самоуправа кон порталот uslugi.veles.gov.mk.

Тој изрази задоволство од фактот што Општина Велес е една од водечките во државата на овој план и изрази надеж дека со поддршка на министерството ќе може да се реализира проектот за интероперабилен центар на услуги во Велес. Овој центар на едно место би ги давал сите расположиви услуги од локално и нацинално ниво.

Свој осврт за придобивките и вистинската потреба од дигитализација на сите услуги за поедноставно користење од страна на поединецот, даде д-р Јасмина Дамјановска, која посочи дека порталот како електронска платформа, овозможува побрз пристап на граѓаните до информации за јавните услуги, како и за олеснувањето на административниот процес на надлежните органи.