Од страна на германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ Општина Велес е избрана да учествува во меѓународниот проект „Развој на решенија за закрепнување од КОВИД 19 на општинско ниво во областа на дигитализација и управување со кризи“, истакна Градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција.

Општина Велес успешно го помина процесот на апликација и селекција и во овој проект ќе учествува заедно со десетина општини од Европа и регионот.

Во првата фаза на проектот Општина Велес се вклучува во глобалната мрежа на поврзани градови  кои имаат свои мрежи во Германија, Југоисточна Европа, Блискиот исток, Азија, Африка и Латинска Америка.

Градовите ќе соработуваат меѓусебно во изнаоѓање на дигитални решенија за надминување на предизвиците од светската пандемија.

Воедно во оваа фаза стручни служби на општината ќе се обучуваат во областа на дигитализацијата.

„Би сакал да упатам благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка- ГИЗ  што ја избра Општина Велес како единствена македонска општина со Стратегија за паметен град да учествува во овој  значаен меѓународен проект“, рече Коцевски.

Вкупната вредност на проектот ќе биде позната по потпишувањето на проектната документација.