Во сокачето на поезијата, во домот на Рацин, денеска се промовираше збирката поезија „Битисување од љубов“ од проектот „Млади поети 2020“, во издание на Агенцијата за млади и спорт. Најубавите поетски творби создадени од младите велешки поети беа презентирани пред Градоначалникот Коцевски, поетите учесници на Рациновите средби и потомците на Рацин.

Збирката „Битисување од љубов“ содржи 19 песни од 19 талентирани млади автори и претставува дом на младешки поестки енергии со различни дискурс, сензибилитет и афинитети.

Учесниците и гостите на 58. Рацинови средби имаа можност да вкусат од виното Рацин на Винаријата Шато Сопот кое беше дел од „Велешката винската приказна со големиот Рацин“.

На сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ се доделија престижните награди во чест на Рацин, Рациновото признание за 2021 година и Почесното Рациново признание.

Почесното рациново годинава и припадна на Ала Генадјевна Шешкен, руски славист и македонист од Руската федерација. Во нејзино име наградата ја прими Кристина Николовска, член на Организацискиот одбор на Меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“. Добитничката на Почесното Рациново признание се заблагодари за наградат преку видео.

„Рациновите средби се познати и признати во светот, како една од најзначајните манифестации во светот. Затоа секој од нас треба да покаже почит кон поетот со срце шири ми широко. Рацин стои на чело на македонската поезија“, истакна Шешкен во своето видео обраќање.

Градоначалникот Коцевски му ја врачи наградата на овогодинешниот лауреат Милован Стефановски, добитник на Рациновото признание за 2021 година. Наградата ја доби за романот „Теорија за кучешката година“.

Стефановски истакна дека е почестен што токму тој го добива ова признание кое според него книжевна награда со која може да се закити и гордее еден македонски писател.

„Ми претставува особена чест што ја добив оваа голема награда особено поради тоа што е во чест на големиот Кочо Рацин. Коста Апостолов Солев Рацин за припадниците на мојата генерација претставува еден вид книжевна икона која искрено и со голема почит ја примавме ние вљубениците на пишаниот збор“, истакна Милован Стефановски.

Во чест на добитниците на Рациновото и Почесното Рациново признание, на сцената на театарот премиерно се изведе претставата „Петтото годишно време“.