Во пресрет на 17 Март, Денот на Црвениот крст и Денот на крводарителството во Македонија, вчеравечер во Големата сала на Општина Велес се доделија признанијата за најдобрите крводарители за 2022 година во општините Велес, Градско и Чашка. Признание за 100 пати дарувано крв доби Јован Андреев. Признанија  добија и  Сашко Хаџи Арсов Николче Несторов, Драге Станчевски, Даниела Петровска, Дарко Атанасовски, Илиевски Гоце, Ален Давчевски, Бојан Станчев, Сашо Новачев и Јово Стојков  кои својата рака ја подале педесет пати.

За значаен придонес во унапредување и омасовување на крводарителството и исполнување на локалниот и републичкиот план за крводарување во 2022 година, благодарници добија Здружението  „Велес Бајкинг“, Основна организација на Црвен крст Градско, ССОУ Коле Неделковски и Горан Богоевски.

Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев им се заблагодари на хуманите граѓани и посака Велес и понатаму да биде препознатлив град по хуманоста.

„Како крводарител ќе кажам дека чувството да се биде хуман човек и крводарител е посебно и возвишено, бидејќи дарувањето крв е дарување на дел од себе“ истакна Колев.

Пред присутните се обрати и претседателот на Општинската организација на Црвен крст од Велес др. Кевица Шопова Клифова.

На Манифестацијата со две кореографии настапија и членовите на Балетското студио „Анабела“, а се прикажаа и два видео спотови кои ги изработија волонтерите од Клубот на млади.